Мицкоски: Можеме да овозможиме дијаспората да гласа по пошта! СДСМ се спротивставува, Левица го критикува Изборниот законик

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека, покрај електронското гласање, дијаспората може да гласа и по пошта, нагласувајќи дека ваквата пракса се применува во многу земји во Европа и во светот. Според него, целта е да се овозможи што поголемо учество на иселениците во изборниот процес. Коментирајќи ги противењата на СДСМ и Левица за електронското гласање, Мицкоски истакна дека Владата е подготвена да прифати секое решение што овие партии ќе го предложат, доколку се гарантира правото на дијаспората да гласа.

„Можеме да го направиме и по пошта, имаме десетици такви примери во Европа и во светот. Ќе го прифатиме и тоа, само за да обезбедиме поголем број гласови од нашата дијаспора, бидејќи дијаспората е многу важна за нас од едноставна причина што дознаките што ги испраќа во татковината се големи. Како Влада се залагаме и имаме амбиција да ја вратиме дијаспората дома“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

На ова реагираше опозицискиот СДСМ, кој оцени дека ВМРО-ДПМНЕ се плаши од изборен резултат и затоа, како што велат, поттикнува изборна манипулација. Од СДСМ нагласуваат дека нивните ставови за Изборниот законик се принципиелни и јасни – нема да поддржат решенија што отвораат простор за изборни злоупотреби и кражба на избори.

„Свесни дека губат гласови и поддршка кај граѓаните, сега се обидуваат да ги надоместат изгубените гласови дома преку систем без доволно механизми за контрола, проверка и гарантирање на тајноста на гласањето. Затоа ВМРО се обидува на сила и на ‘шверцерски’ начин да го протурка електронското гласање во дијаспората, иако тоа не треба да се применува до 2029 година“, велат од СДСМ.

Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, изјави дека блокадата на новиот Изборен законик е резултат на долгорочен политички договор меѓу најголемите партии за зачувување на изборен модел кој, според него, им носи најголема корист. Тој оцени дека СДСМ ќе направи сè за да го зачува актуелниот систем.

„Ниту една држава, ниту една демократија не може да дозволи еден политички субјект да учествува нормално на избори двапати по ред. Со постојниот Изборен законик, кој не овозможува ниту една изборна единица и не гарантира фер избори, се создава хендикеп за помалите партии. Законот кој ќе се донесе ќе им одговара и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ“, изјави Мециновиќ.

Изборниот законик останува дел од реформската агенда што сè уште не е усвоена. Евроамбасадорот Михалис Рокас вчера порача дека предлог-текстот е добар, но дека е потребна политичка волја за надминување на разликите меѓу партиите.