Продолжува вербалната преписка на релација Мицкоски – Лога околу судбината на Судскиот совет. Мандаторот не го дели мислењето на министерот за правда дека Вашингтон и Брисел биле против распуштање на актуелниот состав на Советот и додаде дека има спротивни информации. Мицкоски вели дека ова ветување од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ е дел од борбата против криминалот и ќе резултира со зголемување на довербата во правосудството. Лога пак, врати дека ниската доверба се должи на претходното владеење на ВМРО-ДПМНЕ и т.н. „сваровски судство“.
„Господинот Кренар Лога имаше можност во својот мандат наместо да има судството доверба кај граѓаните од 2,3,5 проценти, да направи реформи и таа доверба да ја зголеми. За жал ја пропушти.“, рече Мицкоски.
„Судскиот систем уште не може да стане на нозе поради фактот на човекот на кој Вие му бевте генерален секретар, односно човекот кој Ве избра за да бидете претседател на ВМРО-ДПМНЕ. И милијардата евра од него ќе ви дојде, и првата официјална посета ќе биде од страна на неговиот чувар.“, му врати Лога.
Мицкоски не ги штедеше критиките на адреса на Лога, кој претходно обвини дека со идејата за распуштање на Судскиот совет ќе се концентрира власта кај една партија. Мицкоски за состојбата во судството индиректно го спомена и ДУИ, додека пак Лога реагира дека токму Мицкоски бил во координации со ДУИ по парламентарните избори во 2020-тата година.
„За жал, тој одлучи наместо да работи за граѓаните, плодна почва од каде што ќе се изнедрат кадрите во обвинителството и судството да биде Зајас. Мислам дека лоша локација на Гугл мапс нашол, требало да најде поинаква, а тоа е во канцеларијата на министерот за правда.“, рече Мицкоски.
„Почитуван мандатор, среќата за да бидете премиер уште од 2020 година ви беше меѓу Зајас и Мала Речица, понекогаш и седиштето Ви беше таму, односно како замрзнат имот пред суд.“, вели Лога.
Според Мицкоски, зад предизборното ветување за распуштање на Судскиот совет стои целата коалиција, што во превод би значело, како што вели, поддршка од над 600 илјади избирачи.
Инаку, наместо распуштање на Советот, министерот Лога предложи со измени да се влијае во актуелниот Закон за судски совет. Односно, во него да се вградата препораките од т.н. Оценска мисија, односно експертите што Европската Унија ги испрати во земјава да се занимаваат со реформи во Судскиот совет. Со нив се предлага членовите во Советот да се бираат во Собранието исто како и членовите на Антикорупциската комисија. Исто така, во иднина членовите на Советот би биле предлози на Адвокатската комора и професорите по право, а се менуваат и одредбите за потребното искуство во струката.
