Мицкоски на средби со Макрон и Мерц во Тиват: Членките на ЕУ ја разбираат нашата позиција

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Тиват, Црна Гора во рамките на Самитот ЕУ-Западен Балкан, се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон и со германскиот канцелар Фридрих Мерц. Тој кажа дека земјата останува фокусирана на испорачување на најмногу реформи и на проширувањето, но и на сочувување на националното достоинство.

„Ова се моменти кога  практично Европската унија, односно Европскиот Совет јасно кажува дека процесот на проширување останува жив. Она што е наша задача како Влада е тој процес да го зачуваме, да напредуваме, но истовремено да не го изгубиме достоинството, како што тоа беше пример во минатите децении, кога станува збор за нашите македонски аспирации за членство во рамките на Европската Унија. Нашата цел е да останеме држава која што испорачува најмногу реформи и истовремено да останеме фокусирани на проширувањето и да го сочуваме националното достоинство.“ рече премиерот Мицкоски.

Претседателот на Владата се осврна и на средбата со германскиот канцелар Мерц којашто ја оцени како прилично конструктивна и истакна задоволство од разговорот.

„Ние се знаеме и од рамките на Европската народна партија, но еве ова беше прв состанок помеѓу два премиери и јас сум исклучително задоволен од состанокот. Исклучително сум задоволен и од она што вчера го разговаравме и со претседателот Макрон на работната вечера и со претседателката на Комисијата, Фон Дер Лајен. Уставните измени кои ги прифати претходната Влада беа тема на разговорот, но нашиот став е тој, ние заслужуваме многу повеќе од потпросечни политички медиокритети, како што беше претходната влада, да ни ја креираат европската судбина и мислам дека голем дел од земјите членки на Европската Унија тоа го разбираат. Процесот на проширување е жив и добро е што таа порака денес лидерите на земји членки на ЕУ ја испратија.“ заклучи Мицкоски.