Премиерот Христијан Мицкоски најави долга и исцрпувачка борба во правосудството против, како што вели, слепите послушници на СДСМ и ДУИ. Тој додаде дека нивните инсталации во системот се жилави, но ќе бидат поразени. Тој ова го кажа како коментар на предлозите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители нивни членови да бидат дел од новиот Управен одбор на Академијата за судии и јавни обвинители.
„Често пати во изминатите пет месеци откако сме Влада, се случува да некои од обвинителите имаат стомачни проблеми, главоболки, температура итн. во моментот кога ќе треба да се преземе резолутна акција против криминалци коишто беа симбол на едно минато седумгодишно владеење“, порача Христијан Мицкоски.
Неодамна реагираше и Антикорупциската комисија од каде истакнаа дека е незаконски членови на советите да бидат дел од УО на Академијата за судии и обвинители. Според антикорупционерите, Судскиот совет и Советот на јавни обвинители требало да предложат активни судии и обвинители за членови во Управниот одбор, а не лица на кои функцијата им е во мирување. Од Советите не коментираат се додека антикорупционерите не им ја достават одлуката. Во меѓувреме, не ги повлекуваат своите номинации.
„До овој момент до Судскиот совет не е пристигната одлука од Државната комисија за спречување на корупција. Откако одлуката ќе биде пристигната, би можеле да се произнесеме“, вели Весна Дамева.
Судскиот совет и Советот на јавни обвинители претходно одлучија во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители да ги номинираат своите членови Антоанета Димовска, Ханиф Зендели, Душица Димитриеска и Башким Бесими. Од владејачката партија обвинија дека станува збор за лица блиски до опозицијата. Инаку, на актуелниот состав на Управниот одбор во Академијата мандатот им истекува на 29-ти месецов.
