Мицкоски најави намалување на акцизите поради растот на цената на нафтата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Глобалните тензии на Блискиот Исток повторно се очекува да се одразат врз цените на горивата, а Владата најавува мерки за ублажување на ударот врз граѓаните преку намалување на акцизите.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека по последната ескалација во Персискиот Залив, каде повторно се заостри конфликтот меѓу САД, Израел и Иран, се очекува зголемување на цените на нафтените деривати.

„Немаме направено калкулација за покачувањата, но ќе има секако, бидејќи нафтата и бензините драматично пораснаа изминатата недела, а и курсот на доларот е малку посилен во споредба со претходната недела“, изјави Мицкоски.

Тој посочи дека Владата ја продолжила кризната состојба за уште три месеци и најави дека поради актуелните услови ќе се пристапи кон намалување на акцизите.

„Цените се такви што сигурно ќе имаме намалување на акцизите и кај дизелот и кај безоловните горива“, рече премиерот.

Новите цени на горивата во земјава се очекува да бидат познати во понеделник, кога Регулаторната комисија за енергетика ќе ја објави својата одлука за цените кои ќе важат во наредните седум дена.

Движењата на светските берзи и состојбите на меѓународниот пазар на нафта остануваат главни фактори кои влијаат врз формирањето на цените на горивата.