Пад на цените на горивата се очекува во наредниот период, откако најавите од надлежните институции укажуваат на можно поевтинување на бензините и дизелот.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска информираше дека на следната седница на Регулаторна комисија за енергетика се очекува да биде донесена одлука со која дизелот ќе поевтини за 2,5 денари по литар, додека цените на бензините Еуросупер 95 и Еуросупер 98 ќе се намалат за 1,5 денари.
Според најавеното, максималната цена на Еуросупер 95 ќе изнесува 82 денари за литар, Еуросупер 98 – 84 денари, а дизелот ќе се продава по 95,5 денари за литар. Овие цени не ги вклучуваат попустите што ги нуди ОКТА, кои изнесуваат 2 денари за бензините и 3 денари за дизелот.
Како што појасни премиерот, ваквите очекувања се темелат на анализите на движењата на цените на нафтата и нафтените деривати на меѓународните берзи во текот на изминатата недела.
Воедно, најавено е дека ќе продолжат и постојните мерки, меѓу кои намалениот ДДВ од 18 на 10 проценти, како и механизмот за усогласување на акцизите, во рамки на надлежностите на РКЕ.
Премиерот истакна дека снабдувањето со нафта и нафтени деривати останува стабилно, при што државата, како што рече, навремено и сигурно ги обезбедува потребните количини за граѓаните и бизнисите.
