Разбиена група дивосечачи кај Струмица: Над 20 лица затекнати на терен

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во координирана акција на надлежните служби во струмичкиот регион, откриена е организирана група дивосечачи која незаконски вршела сеча и транспорт на дрва. Како што информира заменик генералниот директор на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов, акцијата била реализирана од шумочуварската служба при ПШС „Беласица“ – Струмица, во соработка со Шумската полиција од Струмица и Валандово, со поддршка на СВР Струмица.

На терен биле затекнати повеќе од 20 лица од село Баница, кои превезувале нежигосани дрва, без соодветна документација и посечени на недозволени локации. При акцијата била одземена поголема количина огревно дрво, а надлежните изготвиле седум записници за констатираните прекршоци.

Михаилов нагласува дека институциите ќе продолжат со засилени контроли и најавува „нулта толеранција“ за нелегалната сеча. Сепак, тој посочува дека проблемот има подлабоки корени и дека со години системот дозволувал ваквите појави да опстојуваат.

Според него, покрај санкциите, неопходно е да се работи и на долгорочни решенија, кои ќе вклучуваат обезбедување алтернативни извори на егзистенција за луѓето вклучени во вакви активности, како и нивна едукација за штетите што ги предизвикуваат врз природата и екосистемот.

Дел од жителите кои претходно се занимавале со нелегална сеча, како што посочува Михаилов, ја напуштиле земјата и побарале работа во странство, но тој смета дека тоа не е трајно решение. Според него, потребен е системски пристап и заеднички ангажман за справување со проблемот.

Тој додава дека денес постојат механизми и технологија за ефикасна контрола, и доколку има волја, може да се воведе ред во оваа област.