Мицкоски: Не стравувам за истрагата на унгарскиот кредит, средствата се на транспарентен начин потрошени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски не очекува изјавите на неговиот унгарски колега Петер Маѓар за одредени земји – кандидати за членство во Европската Унија да се однесуваат на Македонија.

Мицкоски, коментирајќи ги последните пораки од Унгарија, рече дека досегашната поддршка од Будимпешта за земјите од Западен Балкан е јасна и недвосмислена.

„Убеден сум дека колегата Маѓар, тоа што го кажувал, не го мисли за Балканот, бидејќи досега има неколку десетици изјави откако е избран за премиер на нашиот стратешки партнер, Унгарија, во кои вели дека поддршката за Западен Балкан, во кој географски спаѓаме и ние, е недвосмислена и искрена и дека таа никогаш не била доведена под знак прашање“, изјави Мицкоски.

Во однос на проверките поврзани со унгарскиот кредит, премиерот оцени дека станува збор за прашање во надлежност на унгарските институции.

„Тоа е внатрешна работа на Унгарија. Институциите, претпоставувам, на Унгарија ќе ја завршат својата работа и ќе излезат, претпоставувам, со некакво соопштение поврзано со тој заем“, рече тој.

Мицкоски категорично порача дека од македонска страна нема причина за загриженост и оти не стравува дека случувањата во Унгарија би можеле да влијаат врз заемот.

„Апсолутно не стравувам, затоа што сето тоа е дел од нашето стратешко партнерство, потврдено од двата парламента и од двете влади, а средствата се на транспарентен начин потрошени“, нагласи премиерот.

Тој воедно ѝ се заблагодари на Унгарија за поддршката што, како што рече, ѝ ја дала на Македонија во периодот кога земјата се соочувала со сериозни финансиски предизвици.

Мицкоски ја оцени поддршката од Будимпешта како дел од стратешкото партнерство меѓу двете држави и порача дека досегашната соработка останува значајна за Македонија.