Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски обвинуваат дека во минатата година тогашниот началник за сузбивање на организиран криминал во МВР Лазе Велковски и обвинителката Вилма Русковска ја смениле третата страница од пријавата во која се искажани сомневање за рекет од одговорни лица на РЕК Битола во делот каде се споменува и името Вице Н. (непознато презиме). Според Мицкоски, за случајот признание имало и од сопственикот на компанијата „Рубитон“ Битола, којашто го добила тендерот по регуларен пат.
„Побарувањата биле Рубитон да ја сработи работата, а 250 илјади евра да припаднат на Вице Заев, во кеш. Таа сума била многу поголема од можната заработувачка. Сопствениците на Рубитон на повиците на Горан Крстев не се одѕиваат, по што Вице им се заканува дека ќе ја загубат работата. По низа лавиринти, компанијата ја губи работата од РЕК и трпи штета од 30 милиони денари, за што своевремено и ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше јавно на прес-конференции за насилно внесување на фирмата СБ Инвест во Комбинатот“, посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Мицкоски обвинува дека иако оштетените го пријавиле случајот во полиција, делот каде што се споменувал Вице Заев мистериозно исчезнал.
Обвинувањата на Хрстијан Мицкоски немаат врска со реалноста, станува збор за лага, измислица, креација во умот на човекот кој е опседнат со мене, реагира бизнисменот Вице Заев, брат на премиерот Зоран Заев.
„Мицкоски очигледно мисли дека со тоа што ќе прави конструкции за мое оцрнување ќе му кажат дека е врвен политичар. Ако има комплекси некој човек, ако е опседнат со мене, не може тоа да биде мој проблем. Нема ништо вистина во ова што го зборува Мицкоски, затоа се крие зад брифинзи, се плаши од тужба. Да имаше бриферот Мицковски некаков доказ ќе го приложеше, ама нема. И самиот вели барале средба, а не се случила“, рече Вице Заев за Фокус.
Од РЕК Битола исто така демантираат, додавајќи дека станува збор за обвинувања кои АД ЕСМ и РЕК Битола ги демантирале и во 2019 и 2020 година.
„Сакаме да изразиме сомнеж дека зад континуираните напади на опозициската партија кон РЕК Битола, конкретно за случајот Рубитон, се кријат лукративни причини и на економскиот оператор и на политичката партија. Имено, сопствениците на фирмата Рубитон се во блиски роднински врски со поранешен директор на РЕК Битола од времето на владеење на ВМРО – ДПМНЕ. Само во периодот 2015 година – 2018 година оваа фирма од РЕК Битола наплатила над 370.000.000 денари за ископ на јаловина“, соопштија од РЕК – Битола.
Мрачниот брифер Христијан Мицкоски се сведе на рекла-кажала а отвори уста лаже – суши, мрачниот брифер Христијан Мицкоски веќе ни сам не си верува на лагите и дезинформациите, реагира СДСМ по денешниот брифинг на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Не му е прв пат на опседнатиот Мицкоски да изнесува лаги, невистини, конструкции за семејството на претседателот Заев. Но, тоа зборува за состојбата во којашто Мицкоски се наоѓа“, истакнаа од СДСМ.
Во испратеното партиско соопштение, од СДСМ додаваат дека во студија објавена од Европскиот парламент Христијан Мицкоски е наведен како извор на дезинформации.
