Мицкоски: Од јули струјата поскапува за 10%, Ковачевски: Граѓаните ќе може да инсталираат фотоволтаични централи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Актуелната Влада капитулираше пред енергетската криза, а ударот повторно е врз џебот на граѓаните, рече денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

„Од 1-ви јули граѓаните ги очекува нов ценовен шок со тоа што покрај досегашните 30% поголема цена за струја од доаѓањето на Владата на СДСМ, од 1-ви јули ќе има минимум 10% зголемување на сметките за струја кај граѓаните“, вели Христијан Мицкоски.

Од опозицијата додаваат дека граѓаните и индустријата добиваат за три пати повисоки сметки за струја.

„Таа на отворена сцена капитулираше пред енергетската криза за нешто за кое ВМРО-ДПМНЕ уште пред една година предупредуваше за време на брифинзите ,но и за време на прес конференциите дека доколку не дојде до преструктуирање и доколку не дојде до стопирање на тендерите во четири очи и крадењето во денешно ЕСМ за жал сметката на крајот на денот ќе платат граѓаните.“, рече Мицкоски.

Власта е свесна дека земјата се наоѓа во енергетска криза па затоа се носи законско решение со кое граѓаните ќе може да инсталираат фотоволтаични централи на крововите.

„Кога ќе се олеснат условите и поедностават постапките за инсталирање на фотоволтаични централи на крововите на граѓаните, веќе е во изработка законско решение. Тоа прво треба да ги олесни градежните процедури за изработка на централа и тоа законско решение ќе се најде пред пратениците во текот на следниот квартал“, вели премиерот Ковачевски.

Премиерот посочи дека правилата за приклучување кои исто така се во надлежност на Министерството за економија и на кои се работи, при што ќе се обезбеди електрична енергија за разлика од сега да биде преземена од дистрибутерот на електрична енергија и третото Министерството за финансии веќе работи на подзаконски акт за да може да се воведе категоријата на даночен застапник при што ќе се олесни на дистрибутерот на електрична енергија да може да ја презема и да издава фактура на домаќинството кое не е даночен обврзник.

„Со тие три решенија како и со зголемување на постојниот капацитет од 4 киловати на 6 киловати колку што е предлогот како и дуплирање на капацитетот за компаниите кои сакаат да стават на своите кровови ќе се олесни постапката односно ќе имаме постапка која ќе биде идентична со постапката и процедурите во западно европските држави каде најголемиот број од нас имале можност да видат дека во најголемиот дел од покривите се инсталирани фотоволтаични централи“, изјави Ковачевски.

Бранко Азески, претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, порача дека бизнисот на Владата му предложил неколку мерки, пред се во справувањето со енергетската криза и скапата цена за електрична енергија.

„Суровините се многу скапи а некои од нив не можат да се набават. Бараме да се подигне степенот на производство и да се рационализира потрошувачката на електрачна енергија. Понудивме решенија со јавно-приватни партнерства во делот на електропроизводството.“, вели Азески.

Азески додава дека Стопанската комора има предлози за јавните набавки како да се менаџираат во оваа вака ситуација, како и до крајот на годината да не се носат нови даночни задолжувања.