Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски после средбата со Претседателот на државата Стево Пендаровски истакна дека од овој момент ВМРО-ДПМНЕ ги замрзнува односите со Пендаровски додека не видат, како што вели, дека истиот е претседател на сите граѓани.
„ВМРО-ДПМНЕ на денешната координација донесе заклучок дека од овој момент ги замрзнува односите и комуникацијата со г. Стево Пендаровски, и ќе ги преиспита практично политиките што ќе ги води во однос на кабинетот на Стево Пендаровски. За жал, како напати во минатото така и овој пат се приватизирани институциите, заробени за личен и партиски интерес, а на сметка на интересите на граѓаните. Денеска пратеникот Зоран Заев го доби мандартот откако го уверил претседателот Стево Пендаровски дека ќе работи на парламентарно мнозинство“, изјави Мицкоски по средбата, на која беше придружуван од пратеничката Гордана Сиљановска.
