Мицкоски: Оваа година е надпросечна по бројот на случаи на западнонилска треска, слична е состојбата и во Европа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Зголемениот број случаи на западнонилска треска годинава не е изолиран проблем само за Македонија, туку се регистрира и во повеќе европски земји, оцени премиерот Христијан Мицкоски.

Тој посочи дека годинава е над просекот кога станува збор за инфекциите со западнонилска треска и нагласи дека слични состојби се забележуваат низ Европа, особено во медитеранските земји.

„Не треба да се занемари фактот дека ваква слична состојба ескалира насекаде во Европа. И оваа година е надпросечна година кога станува збор за инфекција од западнонилската треска насекаде во Европа“, рече Мицкоски.

Премиерот информираше дека биле направени проверки во однос на активностите што ги спроведуваат општините за справување со комарците и потенцијалното ширење на вирусот. Според информациите со кои располага, сите општини во рамките на редовниот протокол ги завршиле предвидените активности.

„Сите општини во рамките на оној редовен протокол си ја имаат завршено таа активност“, рече Мицкоски, додавајќи дека не би можел да каже дека некоја општина не ги спровела мерките.

Тој нагласи дека годинашната состојба претставува сериозен предизвик не само за Македонија, туку и за други европски земји, при што ги издвои Италија и Шпанија.

„Факт е дека оваа година е надпросечна кога станува збор за ваков тип на предизвик со којшто се соочуваме и ние и, би рекол условно, сите медитерански земји“, изјави премиерот.

Според актуелните податоци, Македонија годинава бележи значителен пораст на случаите на западнонилска треска. До почетокот на септември биле регистрирани 56 случаи, што е повеќе од вкупниот број лабораториски потврдени случаи во земјата во периодот од 2011 до 2025 година.

Вирусот се пренесува преку убод од заразен комарец, а здравствените власти во текот на летото апелираа граѓаните да преземаат мерки за лична заштита од убоди. Актуелната сезона е особено изразена и во регионот, со повеќе заболени и смртни случаи.