Премиерот Мицкоски најави дека по локалните избори ќе пресече во однос на обвинителите и судиите, со што рече дека ќе бидат најдени сите правни механизми и ќе се најде начин да имаме обвинители и судии кои што судат според закон и Устав. Со неколкумина судии и обвинители кои ја бранат претходната власт на СДСМ и ДУИ правдата е невозможна, рече тој. Мицкоски ова го истакна како реакција на барањето на судиите да им се покачат платите, за што, како што истакна тој, ниту тие плати што ги имаат не ги заслужуваат. Сепак потенцира дека тоа не се однесува и на судската администрација.
„Ќе почнеме еден цел серијал на случаи како суделе поедини судии и како обвинувале поедини обвинители. Јавноста нека суди дали тие заслужуваат, па да кодошат таму во Брисел и каде одат дека Владата не им ги зголемува платите. Еве јавноста нека суди. И тие во Брисел нека судат дали овие луѓе што се генератори на корупцијата во државата наместо да се борат против корупцијата ја заслужуваат оваа плата“, вели Христијан Мицкоски.
Од Здружението на судиите вчера реагираа дека нивните плати се најниски во регионот и пошироко.
„Платите на најголем број судии во Основните судови во Македонија со фамозното „зголемување“ од 78 проценти достигнува до 86.000 денари, а примањата на судските службеници се под просечната плата“, вели Здружение на судии.
Реагираа и од Здружението на обвинителите кои велат дека тие немаат финансиска самостојност а дека со новиот предлог закон за јавно обвинителство се предвидува вкупниот буџет да изнесува 0.5% од државниот буџет, а не од бруто домашниот производ.
„Земјава се наоѓа на дното во однос на буџетските издвојувања за оваа намена. Јавните обвинители и јавнообвинителските службеници имаат најниски плати во споредба со сите останати земји во регионот“, порача Здружението на обвинители.
Критики кон власта упати и претседателот на СДСМ Венко Филипче кој рече дека токму Мицкоски е одговорен за состојбата во судството поради тоа што не ги спроведе потребните реформи, туку го партизира.
„Ветуваа реформи, ветуваа промени, се што видовме е само партизација на судството, назначување на судии, блиски роднини на градоначалници, на коалициски партнери. Сакаат да го држат судството заробено“, вели Венко Филипче.
Инаку, премиерот Мицкоски на почетокот на август изјави и дека во ноември, односно по локалните избори ќе го продолжи и процесот на разрешување на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски.