Премиерот Христијан Мицкоски по денешната средба со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, порача дека Македонија останува цврсто посветена на европскиот пат, но очекува процесот на интеграција да биде заснован на принципи, заслуги и предвидливост.
На заедничката прес-конференција во Владата, Мицкоски истакна дека разговорите биле отворени и суштински, при што станало збор за европската иднина на државата, реформите, економијата, владеењето на правото, регионалните состојби и институционалната трансформација.
„Не бараме привилегии, не бараме олеснети правила и не бараме ништо повеќе од она што им припаѓа и на другите. Бараме кредибилен и предвидлив процес во кој реформите, трудот и исполнетите обврски ќе бидат вистински вреднувани“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека Владата работи на спроведување на реформската агенда, јакнење на институциите, стабилизирање на економијата и привлекување инвестиции, но посочи дека граѓаните по долгогодишните компромиси и чекања имаат потреба од поголема извесност за европската перспектива на земјата.
Според премиерот, европската интеграција не е само политичко прашање, туку директно влијае врз квалитетот на животот на граѓаните преку подобро образование, здравство, поефикасни институции и повисок животен стандард.
„Верувам дека достоинството, идентитетот и принципиелноста не треба да бидат пречка за европската перспектива. Тие се нејзин составен дел“, порача Мицкоски.
Тој му се заблагодари на Кошта за посетата и истакна дека државата ќе продолжи со реформите и ќе остане конструктивен партнер на Европската Унија, со цел европската иднина да се гради врз меѓусебна доверба, почит и јасни принципи.
