Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, објави отворено писмо во кое бара и опозицијата да биде вклучена во битката за, како што рече, „зедничкиот непријател“. Тој предлага построг полициски час, нови економски мерки, и удвојување на капацитетите на проверка за коронавирусот.
„Ова отворено писмо го пишувам во предвечерието на денот кога црниот биланс со заразени со вирусот Корона е најголем од почетокот на оваа Пандемија во Македонија. Тежок ден за луѓето кои се во првата линија на борба против вирусот, но искрено верувам и тежок за секој еден човек кој треперливо ги следи новостите.
И со право е загриженоста кај секој еден од вас, бидејќи и јас сум загрижен, и знам дека ова не смее да биде битка на луда храброст без мудрост, туку на мудро употребена храброст за да се победи заедничкиот предизвик со кој се соочуваме. А стравот е неминовен бидејќи сите ние се соочуваме со непозната и нова појава и станува јасно дека ѓаволот ја однел шегата кога се бројат мртвите во Италија и другите земји каде насмеаните лица ги преполнуваа плоштадите, трговските центри, јавните места до пред само неколку недели, а денес најблиските се збогуваат со починатите.
Вирусот не е шега, туку заедничка нова битка на Македонија која мора заедно да ја победиме.
Ова отворено писмо будење на свеста значи подадена рака до власта со кое сакам да потенцирам дека во нас имате пријател, а заедничкиот непријател кој мора да го победиме е пандемијата која одзема животи. И оттука сосема совесно и разумно како човек, но и како лидер на ВМРО-ДПМНЕ имам колективна одговорност да посочам на работите кои мора да бидат подобри, зошто ако не се, тогаш ќе губиме животи. Стравот кај мене е поради тоа што имаме сериозни слабости во системот кој мора да си признаеме дека потфрла во време кога мора хируршки прецизно да функционира.
Потребно е воведување на построг полициски час, најмалку од 18 часот за да има суштина со него и се направи ред, час поскоро. Мора за миг да се испразнат улиците за да се скенира состојбата.
Мора да се има протокол на правење на тестови за сомнителни од корона вирусот и тие да бидат целосно бесплатни во државното и приватното здравство. Да се удвојат капацитетите за проверка. Сега владее потполн хаос каде граѓаните велат дека приватните тестови имаат поголема веродостојност затоа што државните институции ги кријат заболените. Затоа треба да се делува во отстранување на тие сомнежи.
Морам да признам дека сум сериозно загрижен и за економската рецесија која ни престои. Државата оди по самиот раб. Илјадници луѓе престануваат да одат на работата, а штетите се поголеми од ноншалантниот однос на владата. Оние мерки кои ги соопшти Заев се далеку од доволни.
Треба веднаш државата да покрие 50% од сите трошоци за вработените, плати и придонеси. Да се замрзнат плаќањата на рати кон банките и заемодавателите бидејќи тоа е добро и за банките, но и да се излезе со детална програма на Владата и функционерите на власт за финансиско кратење на нивните привилегии и непродуктивни трошења. Да почнеме со штедење не од работниот народ, туку од привилегиите на властодршците, со личен пример. Ќе предупредам парите во услови на ваква криза стануваат од ден на ден се поскапи, затоа што ги има се помалку. Задолжувањето до кое ќе се дојде доколку се чека премногу ќе биде со огромна камата и затоа треба да се направи рационален план за изнаоѓање на свеж капитал по најповолни услови што може да се обезбедат. Нема ние како власта која тогаш беше опозиција да пишуваме писма за да го блокираме задолжувањето.
