Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Кавадарци изјави дека по вчерашната средба во Собранието за измените на Изборниот законик е сѐ помалку оптимист дека ќе биде постигнат политички договор. Според него, дел од политичките партии, свесни за можен пораз на следните парламентарни избори, се обидуваат да го блокираат процесот.
Одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето камен-темелник за изградба на нов објект во рамки на Спортскиот центар „Јасмин“, Мицкоски рече дека единствениот преостанат индикатор од Реформската агенда е донесувањето на Изборниот законик.
„Јасно е дека кај тие политички партии, свесни за поразот на следните парламентарни избори, постои страв и се обидуваат да го бојкотираат процесот за да не ги исполниме сите десет од десетте индикатори од Реформската агенда. По вчерашната средба сум сѐ помалку оптимист“, изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека гласањето на дијаспората претставува стратешка цел, но истовремено изрази подготвеност да се прифатат и повеќе барања на другите политички партии.
„Подготвени сме да прифатиме една изборна единица, како и поголем буџет за кампањите на помалите политички партии. Ако сакаат повеќе средства за рекламирање, немаме проблем со тоа. Нашата единствена цел е да се донесе Изборниот законик“, рече премиерот.
Како неприфатлив го оцени предлогот одлуките во Државната изборна комисија да се носат со консензус.
„Во демократија одлуките ги носи мнозинството. Консензусот не може да биде правило за секоја одлука. Ние не сме еднопартиски систем, ниту консензуална држава“, истакна Мицкоски.
Тој додаде дека Владата предложила и можност за гласање по пошта за дијаспората, по примерот на повеќе земји-членки на Европската Унија, со цел да се најде решение прифатливо за сите политички субјекти.
Во рамки на посетата на Кавадарци, Мицкоски присуствуваше и на поставувањето камен-темелник за нов објект во Спортскиот центар „Јасмин“. По тој повод, тој изјави дека очекува проектот да биде завршен за околу една година и им се заблагодари на градоначалникот, Советот на Општина Кавадарци, локалната администрација, пратениците и министерот за спорт Борко Ристовски за, како што рече, заедничката посветеност во реализацијата на капиталните проекти.
Премиерот посочи дека Владата досега реализира повеќе од 1.200 проекти и градилишта низ државата, оценувајќи дека станува збор за најголем инвестициски циклус во независна Македонија.
„Успешноста се мери преку економските параметри. Ќе продолжиме со ваквиот пристап бидејќи овие проекти носат додадена вредност и го подобруваат квалитетот на живот на граѓаните“, порача Мицкоски.
