Мицкоски: Подготвени сме во секое време да излеземе на избори и да победиме, ДУИ: Нека се распушти Собранието, нека се одреди датум, да одиме на избори

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека се подготвени да се соочат со предвремени парламентарни избори доколку опозицијата ги побара. Тој рече дека е подготвен за лидерска средба, утврдување датум и организирање избори.

Нема да бегаме, се разбира. Затоа јас велам, мандатот наш е за четири години и за толкав период сме добиле поддршка од граѓаните да испорачаме реформи, но доколку имаме фрлена ракавица од страна на опозицијата, нормално е нема ние кукавички да бегаме од избори. Напротив ние сме подготвени во секое време да излеземе и да ги победиме“, изјави Мицкоски во вчерашното интервју за ТВ Сител.

На оваа изјава реагираа од Демократската унија за интеграција (ДУИ). Од ДУИ ја поздравија изјавата на премиерот, истакнувајќи дека опозицијата ја прифаќа понудата и бара таа веднаш да се претвори во конкретно дејствување.

„Го бараме тоа. Конечно и премиерот сфати дека оваа состојба е неодржлива и дека на земјата ѝ е потребен нов политички мандат“, се наведува во реакцијата на ДУИ. ДУИ бара, доколку понудата на Мицкоски е сериозна, без одложување да започнат процедурите за предвремени парламентарни избори.

„Затоа, ДУИ бара изјавата на премиерот веднаш да се претвори во конкретно дејствување. Бараме во следните денови да се утврди најбрзиот уставен рок, да започнат подготовките за изборите и на граѓаните да им се овозможи да одлучат за насоката во која ќе се движи земјата. Доколку понудата на премиерот е сериозна, нема причина за одложувања, оправдувања или политички калкулации. Опозицијата го даде својот одговор. ДУИ е подготвена. Нека се распушти Собранието. Нека се одреди датумот. Да одиме на избори“, порачуваат ДУИ.

Мицкоски, од друга страна, повтори дека неговиот став останува дека Владата добила четиригодишен мандат и дека редовните парламентарни избори се очекуваат во 2028 година. Сепак, тој нагласи дека доколку опозицијата побара, ВМРО-ДПМНЕ нема да ги избегнува предвремените избори.