Премиерот Мицкоски на обраќањето по повод 150 години од Разловечкото востание и денес повика на обединување околу националните интереси. Тој притоа рече дека не смее да се дозволи некој да тргува со честа, идентитетот и историјата на државата.
„Оваа држава не смее да биде држава на понижувања, отстапки и распродажби. Мора да се обединиме околу државните и националните интереси. Затоа што ниту една политичка разлика не смее да биде поголема од татковината. Ниту една лична амбиција не може да биде поважна од иднината на нашите деца“, вели Христијан Мицкоски.
Уште неколку дена до исполнување на реформската агенда, Владата предводена од Христијан Мицкоски не прави ништо за да ја придвижи земјава кон европските интеграции. Ова го истакна претседателот на СДСМ Венко Филипче кој рече дека власта сега бара алиби во тоа што партијата ја напушти работната група за Изборниот законик. Повиците на Мицкоски за обединување ги нарече лажни и лицемерни и дека власта намерно не сака да ја внесе државата во ЕУ.
„Повиците се лажни и лицемерни. ВМРО нема желба да се обедини околу ништо. Тоа што Христијан Мицкоски сака да ја префрли на нас одговорноста дека како сега му е него многу важен Изборниот закон за реформите – не му е на дечкото ништо важно. Не го интересира. Не му е гајле. Тој бара сега изговор затоа што ништо нема да испорача. Реформите се викаат уставни измени и да ги почнеме преговорите. Отиде напред и Црна Гора и Албанија ние останавме последни“, вели Венко Филипче.
Филипче истакна и дека додека Мицкоски одбива да ги донесе уставните измени со внесување на Бугарите, од друга страна со одбивањето на законот за двојни државјанства, владејачкото мнозинство покажало дека цела Влада е полна со бугарски пасоши.
