Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Собранието ги образложи предлозите за избор на двајца нови министри, со цел, како што истакна, целосно и функционално екипирање на Владата и обезбедување континуитет во работата на клучни ресори од извршната власт.
За министер за животна средина и просторно планирање, Мицкоски го предложи Муамет Хоџа, нагласувајќи дека станува збор за кандидат со долгогодишно искуство во државната управа и извршната власт. Премиерот посочи дека Хоџа има значајно искуство во раководни и одговорни позиции, што, според него, е важно за еден ресор кој има клучна улога во креирањето и спроведувањето политики за одржлив развој, рационално користење на просторот и заштита на животната средина.
Мицкоски оцени дека за ова министерство е неопходен пристап заснован на законитост, институционална стабилност и континуитет во работењето, а дека предложениот кандидат може да ги обезбеди тие услови.
За министер за европски прашања, премиерот го предложи Беким Сали, кој, како што истакна, има претходно министерско искуство и актуелен ангажман во законодавната власт. Според Мицкоски, ова му овозможува јасно разбирање на односите меѓу извршната и законодавната власт, што е особено значајно за ресорот задолжен за координација на европската интеграција и реформските процеси.
Премиерот нагласи дека Министерството за европски прашања бара систематска работа, усогласување на институциите и доследно следење на обврските што произлегуваат од националните и европските документи, изразувајќи очекување дека Сали ќе придонесе за поефикасна институционална координација.
Во обраќањето, Мицкоски му се заблагодари и на досегашниот министер за европски прашања Орхан Муртезани, истакнувајќи дека тој ќе продолжи да биде дел од неговиот кабинет и ќе го координира процесот на следење на исполнувањето на реформската агенда, што, како што рече, е од особено значење за европските интегративни процеси на државата.
На крајот, премиерот порача дека Владата останува посветена на одговорно, транспарентно и законито работење, со приоритет на стабилно функционирање на институциите, доследно спроведување на реформите и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Тој ги повика пратениците да ги поддржат предложените кадровски решенија.
