Мицкоски пријатно изненаден од Пендаровски – Јакимовски со порака: Најдобро е и двајцата да молчите!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Предлогот до Мицкоски, Апасиев и сите опозициски партии е да потпишеме декларација како ветување кон граѓаните дека ако ни дадат 61 пратеник, на првата конститутивна седница ќе го поништиме овој француско-бугарски предлог.

Ова го изјави Стевче Јакимовски лидер на партијата ГРОМ, која до пред извесно време беше дел од коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ. Сега, не се заедно, иако нивниот пратеник најави дека ќе делува како опозиционер во Собранието.

Во изминатиот период имаше бројни меѓусебни прозивки помеѓу Јакимовски и Мицкоски.

И во студиото на ТВ21 Јакимовски порача дека Мицкоски прави театар со иницијативата за референдумот, бидејќи како што вели, да беа против нивните пратеници ќе беа во собраниската сала и ќе гласаа против прифаќањето на францускиот предлог.

„Ова негова тајна игра беше како дете кога ќе стави јастук на главата и ќе рече кај сум. Ова така го правеше Мицкоски. Потполно е јасно која игра ја одигра. И што е најстрашно толку неотесано продолжува да ја игра, обидувајќи се да организира референдум, кој што 102,6 отсто ќе биде неуспешен, нема да има мнозинство, ама него му треба референдумот за да се испере пред меѓународната заедница, а потоа да добие отворен пат во парламентот да ги гласа уставните промени“, вели Стевче Јакимовски.

Но, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за критиките одговара со контра критики. Тој вели дека нападите кои како што вели ги трпи во изминатите денови се организирани од власта, преку како што вели, нивните инсталации во опозицијата.

„Тоа што јас го гледам на отворена сцена во изминатите денови е обидот на власта преку директно преку самата власт, но и нејзините инсталации во опозицијата да го нападне ВМРО-ДПМНЕ. Јас морам да ја искористам приликата и да порачам дека тоа се јалови напади кои што нема да имаат успех, бидејќи зад ВМРО-ДПМНЕ е народот бидејќи народот препозна чесна борба. Јас ги препознав тие инсталации, и народот ги препозна тие инсталации“, посочи Христијан Мицкоски.

Опозицијата треба да излезе со чесна формулација и ако е такво прашањето, сите партии треба да излезат на референдум, а не да бојкотираат – вели претседателот на државата Пендаровски.

„Колку што разбирам, прашањето нема да биде за уставните промени, туку ќе биде за билатералниот договор со Бугарија и зошто тој влегува внатре. Ако некој не разбира дека овој билатерален договор, а и со Грција, се оската по која ние продолжуваме кон Европа, и сака тоа да го нема, почесно е референдумското прашање да гласи: „Дали сакате да одите во ЕУ под вакви услови?“. Без спомнување договори, точки…“, вели Стево Пендаровски.

За предлогот на Пендаровски Мицкоски пријатно изненаден.

„Па, морам да признам дека после подолго време можеби сме на иста бранова должина со Пендаровски. Во таа насока и јас размислувам да излезам со формулација на прашањето пред Извршниот комитет и пред граѓаните“, порача Христијан Мицкоски.

Јакимовски со порака до Пендаровски и Мицкоски:

„Јас мислам дека и едниот и другиот подобро да заќутат. Претседателот учествуваше во ова предавство, а лидерот на опозицијата беше асистент. Тој беше таен предавник во целата оваа работа“, вели Стевче Јакимовски.

Од СДСМ најавија дека тие како партија нема да ја поддржат евентуалната иницијатива за референдум.