Премиерот Христијан Мицкоски при денешната посета на Битола порача дека Владата ќе продолжи да се фокусира на реализација на проекти што директно ги подобруваат условите за живот на граѓаните, истакнувајќи дека инфраструктурните инвестиции остануваат еден од главните приоритети.
За време на увидот во реконструкцијата на објект што ќе стане дел од подрачното основно училиште „Коле Канински“ во населбата Буковски Ливади, Мицкоски рече дека и покрај бројните наследени проблеми, Владата ќе продолжи да работи според утврдени приоритети.
„Продолжуваме да бидеме посветени на испорачување проекти како наш врвен приоритет. Иако не можеме преку ноќ да ги исправиме пропустите создадени со години, вложуваме максимални напори да ги решаваме најважните прашања за граѓаните. Оној што работи понекогаш и греши, но најважно е да има резултати“, изјави премиерот, додавајќи дека Владата ќе остане фокусирана на реализација на конкретни проекти.
На посетата присуствуваше и министерката за образование и наука Весна Јаневска, која истакна дека во Битола во моментов се реализираат повеќе од 16 инфраструктурни проекти во образованието. Според неа, во изминатите две години во градот се инвестирани над 450 милиони денари во училишта, спортски сали и други образовни објекти, а најави и почеток на реконструкцијата на Студентскиот дом и Ресурсниот центар.
Градоначалникот Тони Коњановски нагласи дека реконструкцијата на училиштето во Буковски Ливади ќе чини 31 милион денари, средства обезбедени преку Министерството за образование и наука. Тој додаде дека во Битола е во тек и голем циклус инвестиции во училишната спортска инфраструктура, со изградба на 24 спортски сали во основните училишта, проект вреден над 4,5 милиони евра.
Пред посетата на училиштето, владината делегација, предводена од премиерот Мицкоски, ја посети и компанијата „Кромберг и Шуберт“ во Битола.
