Мицкоски: Прво да ги завршиме домашните задачи, па останува на ЕУ да одлучи за евроинтеграциите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски денеска објави на својот Фејсбук профил дека во Владата се одржал состанок посветен на Реформската агенда, на кој се дискутирало за тековните приоритети, предизвици и следните чекори за унапредување на реформските процеси. На средбата беа разменети мислења и предлози со цел поефикасна имплементација и подобра координација меѓу сите вклучени страни.

Во изјава за медиуми, премиерот истакна дека фокусот е прво да се заврши домашната задача поврзана со реформските процеси, пред Европската Унија да одлучи дали ќе го билатерализира македонскиот процес на пристапување.

– Македонскиот евроинтегративен пат е неминовно поврзан со волјата на 27 земји-членки, една од нив е и од Бугарија. Знаете дека со нив имаме проблем, но ние имаме цел да си ја завршиме домашната задача, да се подготвиме, сите оние отворени прашања поврзани со Реформската агенда да ги завршиме, сите оние реформи што сме ги предвиделе да ги затвориме, рече Мицкоски.

Премиерот нагласи дека успешното спроведување на реформите е клучно за натамошниот напредок на земјата кон интеграција во ЕУ и дека Владата останува посветена на реализација на сите предвидени активности.