Мицкоски: Работиме на случаите со илегална дрога, ќе ја исчистиме државата од политичките криминалци

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во дневникот на Сител телевизија истакна дека се извршени инспекции на неколку правни лица во однос на пронајдените количества на нелегална марихуана во Македонија.

Како што вели, на шест веќе им се одземени лиценците, додека па на уште неколку ќе им бидат на следната владина седница.

„Не постапувале согласно закон, а на лицата за коишто веќе е покрената истрага, лицата кои веќе имаат кривична пријава кај кои е запленет овој цвет од канабис, ќе отпочне процес, претпоставувам, и во рамките на тој процес ние ќе слушаме и ќе гледаме што се случувало“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека во минатото дел од поранешната Влада одела и чекор понапред, па сакала да прогласи зони каде ќе се консумира во еден град во југозападна и еден град во југоисточна Македонија.

„Таа развојна канабис стратегија на претходната Влада ќе има последици и во наредните десет години. Јас сакам да упатам јасна порака до граѓаните, и за првиот случај со Груби и за вториов, да бидат спокојни. Работата е под контрола. Исто како што улиците се исчистија од криминал, така доаѓа времето кога ќе ја исчистиме државата од политичките криминалци кои оставиле голема трага во минатото, но за жал поради нивните политики и во годините кои следат ќе треба да се справуваме со овие штетни, недржавни канабис-политики“, заклучи Мицкоски.