По повод двегодишниот мандат на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, опозицискиот СДСМ упати серија критики за работата на Министерството за внатрешни работи, додека од МВР презентираа отчет во кој наведуваат дека се постигнати значајни резултати во борбата против криминалот и во спроведувањето на реформите.
Од СДСМ оценија дека во изминатите две години дошло до влошување на безбедносната состојба, зголемена партизација на институцијата и недоволна одговорност за повеќе случаи што ја потресоа јавноста.
Според партијата, изостанала одговорност за низа случаи поврзани со организираниот криминал, како и за повеќе трагични настани и случаи на семејно насилство. Од СДСМ тврдат дека безбедносниот систем не обезбедил соодветна превенција и ефикасна реакција, обвинувајќи ја Владата дека не презема доволно мерки за утврдување одговорност.
Од друга страна, министерот Панче Тошковски, презентирајќи го двегодишниот отчет, истакна дека Македонија го бележи најниското ниво на криминалитет во последните 20 години. Според него, во изминатиот период биле разбиени над 30 организирани криминални групи, запленети 6,2 тони различни видови наркотична дрога, а заплените на кокаин се зголемени за повеќе од 300 проценти.
Министерот информираше и дека имотниот криминал е намален за над 30 проценти, а разбојништвата и разбојничките кражби за повеќе од 40 проценти. Како значајни достигнувања ги посочи и реализацијата на проектот „Безбеден град“, воспоставувањето на системот „One Stop“ на граничните премини со соседните земји кои не се дел од Шенген-зоната, повторното отворање на Средното полициско училиште и проширувањето на електронските и управните услуги за граѓаните.
Тошковски порача дека реформите во Министерството ќе продолжат, оценувајќи дека постигнатите резултати претставуваат основа за понатамошно јакнење на институционалните капацитети и владеењето на правото.
