Мицкоски „распали“ по амбасадорите: Мешање во внатрешните работи се оценките на Гир и Агелер за Судски совет и СЈ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Директно мешање во внатрешните работи на државата, вака премиерот Мицкоски со остри тонови ги оцени забелешките од амбасадорите на Соединетите Американски Држави Анџела Агелер и на Европската унија Дејвид Гир дека се против распуштањето на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Мицкоски останува на ставот дека двете институции треба да се разрешат. Вели дека зад политиките на власта стојат гласови на 600.000 граѓани кои им дале поддршка да ги водат натамошните политики.

„Ја слушнав таа изјава, некако стана пракса амбасадорите да се мешаат во внатрешните работи на државата. . Еве ние понудивме решение, Во ред, не се битни 600-тини илјади гласа за амбасадорите, не е битна програмата на Владата. Еве ако тие знаат подобро решение нека дојдат и нека кажат. Подготвен сум да разговарам за истото и доколку е тоа решение подобро веднаш да го прифатам и истото да го примениме“, вели Христијан Мицкоски.

Вчера евроамбасадорот Гир , но и амбасадорката на САД Агелер порачаа дека најавата на Мицкоски за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители е директен упад во независноста на судството.

„Напорите да се засили владеењето на правото не треба да биде направено на начин што може да го наруши принципот на поделба на властите. На пример, разрешувањето на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, кажано на директен начин, би претставувало мешање во независноста на судството и тоа ќе е прашање на сериозна загриженост“, вели Дејвид Гир.

„Извештајот на Оценската мисија на ЕУ е вреден патоказ за реструктуирање на Судскиот совет и враќање на неговата улога во правосудството. Тој е важно оружје, во арсеналот на оружја, кои ќе бидат потребни за вистински да се трансформира судството на Северна Македонија во институција која им служи на граѓаните“, порача Анџела Агелер.

Инаку, актуелната претседателка на Судскиот совет Весна Дамева побара наместо целиот состав да биде казнет, да се бара индивидуална одговорност. Таа оцени дека идејата на власта за распуштање може да има негативни последици.