Доаѓа денот кога навистина очекуваат и граѓаните, очекуваме и ние големи промени коишто ќе се случат после овие локални избори.
Ова го порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при посетата на Гостивар. Како што вели тој, конечното решение за сите проблеми на граѓаните е пораз на власта предводена од СДСМ и ДУИ, прво на локалните избори во октомври, а потоа и формирање на ново парламентарно мнозинство.
„Единствен начин да се надминат овие сите проблеми е да се делува инванзивно, а тоа е победа на здружената опозиција и катастрофален пораз на оваа непособна власт предводена од СДСМ и ДУИ. Тоа е единствениот начин да се надминат сите проблеми на граѓаните. Доколку и понатаму ги констатираме проблемите, или ги додаваме едни на други, а истото решение го одложуваме, тоа не значи трајно решение. Затоа она што е моја порака денеска и она што сакам јас да го кажам е дека конечното решение за сите проблеми на граѓаните е пораз на локалните избори, ново владино мнозинство веднаш после поразот на власта на локалните избори“, истакна Христијан Мицкоски.
Но, лидерот на СДСМ Зоран Заев имаше порака за Мицкоски. Како што вели, се додека се обраќаат само кон една етничка заедница, тогаш уште долго време ВМРО-ДПМНЕ ќе доживува порази.
„Кога се обраќате само кон една заедница, тогаш може да очекувате поддршка само од таа заедница. Еве изборите се пред нас и јас уште еднаш само ќе потврдам дека причините за кои кажувам ќе победуваме доста долго како коалиција, а тие ќе губат е токму тој националистички осврт којшто го имаат во една мултиетничка земја, навистина ќе биде причина за следниот пораз на ВМРО-ДПМНЕ“, вели Зоран Заев.
Ова Заев го изјави коментирајќи ги најавите за можна коалиција на ВМРО-ДПМНЕ со Алијанса за Албанците и Алтернатива. А, преговори има. Го потврди тоа Арбен Таравари.
„Ние преговараме со сите политички партии и со ВМРО-ДПМНЕ. Се надевам дека ќе завршиме со сите преговори, при крај сме. Тоа нормално треба да помине низ партиските органи, се надевам дека во тек на идната недела, можеби ќе го официјализираме и ќе се потпише таков договор и тоа ќе биде објавено транспаренто пред сите медиуми“, посочи Арбен Таравари.
За разлика од Алијанса и Алтернатива, Левица ја одби поканата на Мицкоски да биде дел од здружената опозиција. Како што порача преку социјалните мрежи Апасиев, целта на Левица не е да донесе некого на власт, туку тие Левица да биде власт.
Како што е познато, Заев пред извесно време постигна договор со Али Ахмети, со Биљал Касами и со Мендух Тачи за соработка и поддршка во одредени општини, во прв или втор круг на локалните избори во октомври.
