Министерството за внатрешни работи во текот на денешниот ден треба да ја започне постапката за распишување меѓународна потерница по 23-годишната Ива Михаилова, која ја напуштила Македонија и заминала во Бугарија. Ова го најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за телевизијата Сител.
Тошковски посочи дека, доколку судот донесе одлука за определување притвор, МВР веднаш ќе ја процесуира преку каналите за меѓународна соработка.
„Доколку судот донесе таква одлука веднаш Министерството ќе ја процесуира преку каналите што ги имаме за меѓународна соработка и се надевам дека нашиот источен сосед ќе се одважи да ги почитува меѓународните правила, Европската конвенција за човекови слободи и права, се она што значи нормална европска држава каква што Бугарија тврди дека е, и суштински и е дел од семејството на ЕУ“, изјави Тошковски.
Тој нагласи дека Бугарија треба да покаже со конкретни постапки дека ги почитува меѓународните правила, а не само со декларативни изјави.
