Мицкоски: Сите барања на Бугарија се од 2022 година – „со уставните измени ќе се отвори Пандорината кутија“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нема нови барања од Бугарија, туку тоа се барања од 2022 година која ги потпиша претходната Влада. Ова го изјави премиерот Мицкоски по информациите кои протекоа по вчерашната посета на претседателката Силјановска и шефот на македонската дипломатија Муцунски на Бугарија. Мицкоски објасни дека уставните измени се само почеток на она што ќе следи со бугарските барања. Работата на Историската комисија не е формална, туку суштинска и во Бугарија постојат сериозни разлики околу клучните историски личности и настани, истакна Мицкоски.

-Не се само промена на Уставот и дел од бугарската заедница во Преамбулата, не. Тоа е само почеток, тоа само ја отвораме Пандорината кутија, следи Акцискиот план, следи работата на Историската комисија, следи Протоколот 2, каде што работата на Историската комисија е само едно од барањата. Таму има можеби 15-ина нови барања кои што ние како држава треба да ги исполниме. Така што нема ништо различно тоа што денеска го слушаме, тоа што го слушаме во континуитет од тоа што за жал претходната влада го прифати во 2022 година, вели премиерот Христијан Мицкоски.

Сепак Мицкоски вели дека останува оптимист по неговата средба со Макрон и Мерц на Самитот на Европската унија што минатата недела се одржа во Тиват.

-Јас сум се уште оптимист кога станува збор за разговорот кој што го имав со канцеларот Мерц и со францускиот претседател Макрон затоа што тоа што го разговаравме на тој состанок е сосема различно од тоа што е разговарано на вчерашниот состанок. Така што ние мораме да бидеме оптимисти и да работиме, истовремено и да ги штитиме македонските национални интереси, вели премиерот Христијан Мицкоски.

Претседателката Силјановска вчера во Софија по средбата со нејзината колешка Јотова потврди дека Бугарија очекува исполнување на барањата од протоколите на Историската комисија.

-Не се во прашање само уставните измени, туку се во прашање и други барања поврзани со протоколите што произлегуваат од работата на Историската комисија, изјави претседателката Гордана Силјановска Давкова.

Амбасадорот Рокас пак вчера истакна дека уставните измени мора да се усвојат за членство во Европската унија, додека во однос на германско-францускиот нон пејпер рече дека тој не може да го замени преговарачкиот процес кој почнува со отворање на кластерите.