Мицкоски: Со измените на Кривичниот законик ќе се казнуваат оние кои свесно создаваат хистерија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека со новите измени на Кривичниот законик ќе има одредби со кои ќе се санкционираат лицата кои свесно создаваат чувство на страв, немир и хистерија кај граѓаните.

Мицкоски ваквите активности ги опиша како форма на „хибриден напад“, посочувајќи дека станува збор за постапки со кои намерно се создава несигурност во јавноста.

„Новите измени во Кривичниот законик ќе има и казнена одредба за ваквите лица коишто свесно создаваат хистерија, односно вршат еден хибриден напад. Создаваат чувство на немир, чувство на страв кај граѓаните“, изјави Мицкоски.

Премиерот посебно се осврна и на, како што рече, комерцијалните обиди за создавање паника. Како пример го посочи зголеменото купување флаширана вода, поради што дел од маркетите за краток период ги испразниле своите резерви.

„За еден ден наеднаш голем дел од маркетите ги испразни своите резерви и количини на флаширана вода“, рече Мицкоски.

Тој оцени дека зад дел од ваквите активности стојат политички мотиви, обвинувајќи ја опозицијата дека се обидува да создаде страв и несигурност кај граѓаните.

„Имаме работа со безидејна и очајна опозиција, којашто се обидува да креира, да конструира, да создава хистерија“, порача премиерот.