Мицкоски со одговор до ДУИ: „Имам чувство дека за некои опозициски политичари доаѓаат проблеми“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Откако ДУИ го повика премиерот да си го одржи зборот за предвремени парламентарни избори, Христијан Мицкоски започна да ја анализира состојбата во опозициската партија. За апелите од ДУИ да се излезе на избори, премиерот кажа дека тие се нетрпеливи.

„Ги разбирам политичарите во опозиција дека се нестрпливи и дека мислат со предвремени избори дека ќе решат проблемите. Имам чувство дека за некои опозициски политичари допрва доаѓаат проблемите, коишто се поврзани со големи злоупотреби што се правени во минатото“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Против предвремени избори се сите владини партнери. Односите во коалицијата ги коментираше и првиот човек на Собранието Африм Гаши кој доаѓа од редовите на ВРЕДИ. Според него, односите меѓу владејачките партиите се коректни и коалицијата е стабилна, а тоа го потврдувал и фактот дека мнозинството во Собранието има 78 пратеници. На прашањето дали власта очекува повеќе напади од страна на ДУИ со приближувањето на локалните избори, Гаши одговори:

„Ние не треба да се бавиме со опозицијата. Ние треба да се бавиме со нашата работа – да носиме квалитетни закони, да носиме странски инвестиции, да ги зголемиме платите и пензиите….“, изјави Африм Гаши.

Идејата за предвремени избори заедно со локалните догодина прв ја спомена премиерот, на седница за пратенички прашања, но потоа партнерите од ВРЕДИ оценија дека Мицкоски бил изваден од контекст. Власта е против предвремени избори и оттаму велат дека тоа би претставувал дополнителен трошок за државата.

Но, од друга страна, ДУИ вели дека трошокот би бил помал доколку се организираат двојни избори во ист ден.

Од СДСМ пак истакнаа дека се подготвени за избори кога и да се одржат. Претседателот на партијата Венко Филипче оцени дека идејата за нови избори претставувала кокетирање на Мицкоски со ДУИ и е порака до ВРЕДИ и ЗНАМ, за кои вели имале преполовена поддршка и маргинална улога во власта.