Премиерот Христијан Мицкоски вечерва во „Клик Плус“ на ТВ21 рече дека земјите од регионот може да дојдат до неверојатни 400 милијарди евра. Тој планира да организира и регионална иницијатива која би се одржала во Скопје, на кој планира да ги обедини земјите од Западен Балкан со цел да се произведува струја од која ќе имаат бенефит сите.
„40 илјади теравати нов инсталиран капацитет му е потребен на светот во следните 10 години. Зборуваме за една декада каде ќе доживеме тоа. Знаете колку е тоа? Тоа е колку што денеска заедно имаат САД, Канада, ЕУ и Јапонија. Замислете ние како регион, Западен Балкан шест, се обединиме, и понудиме инвестициски можности, и дел од овие инвестиции за овие нови 40 илјади теравати, само 0,01 % да завршат тука, тоа се 4 теравати, тоа се 4 милиони мегавати. Ако еден мегават инсталиран капацитет изнесува 1-2 милиони евра, тогаш зборуваме за 400 милијарди евра кои ги имаме на маса, треба да ги донесеме. Затоа планирам да направам регионална иницијатива, така ќе ја брендираме како „Скопје – регионална иницијатива за поврзување“. За сето ова да функционира ни требаат гасни интерконектори и далноводи. Ова ќе се случи, затоа што човештвото се движи во таа насока, тоа се двата суштински столба на кои ќе се темели иднината на човештвото, тоа се вештачката интелигенција и потребата од електрична енергија“, изјави Мицкоски.
