Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека со ребалансот на буџетот не се кратат средства од здравството, иако буџетот на Министерството за здравство е намален. Тој објасни дека владата останува посветена на завршувањето на изградбата на клиничките болници во Штип и Кичево и дека процесот ќе се води транспарентно и по закон.
„Веќе работиме со една компанија сериозно и тоа ќе го направиме по еден економски модел кој нема да значи сомневања за криминал. Ќе има тендерска процедура согласно законот“, изјави Мицкоски. Премиерот додаде дека се кратат само непотребните трошоци, вклучително и тие за надоместоци на организациски директори.
Сепак, документот за ребалансот покажува дека буџетот на Министерството за здравство е намален од 125 милиони евра на 117 милиони евра, што претставува намалување од околу 6,5%. Кратењата се однесуваат претежно на средства за реконструкција и доградба на јавните здравствени установи, купување на медицинска опрема, амбуланти во руралните подрачја, како и за изградба на општа болница во Кичево и клинички центри во Скопје и Штип.

