24 Мај – Денот на сесловенските просветители „Св. Кирил и Методиј“: Честитки до граѓаните од државниот врв и сите политички партии

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По повод одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители „Св. Кирил и Методиј“, македонскиот премиер Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се наоѓаат на две различни, но симболично значајни локации – во Охрид и во Рим.

Премиерот утрово се јави со честитка и порача дека чествување на браќата Кирил и Методиј кои се темелот на писменоста на словенските народи и основачи на словенската азбука Глаголица по која се создаде и кирилското писмо, е доказ дека нивната благородна мисија и ден денес обединува.

„Браќата Кирил и Методиј уште тогаш ја промовирале визијата дека силата на еден народ и држава е во образованието и науката и неговата писменост. И токму благодарение на нивната духовност, посветеност, денеска и ние можеме да ја развиваме сопствената култура, образование и наука на мајчиниот јазик. Нашата заложба е преку образованието кое е темелот за опстанокот и развој на една држава да создаваме идни генерации кои ќе продолжат да ги негуваат вредностите на Македонија. Овие двајца браќа, благородни по срце и ум, ни го оставија најголемиот подарок — писмото, словото, гласот на нашиот идентитет. Таа борба за право на свој глас, право на своја духовност, е основата на нашата вековна борба за самостојност, идентитет, и национално достоинство. Нивната мисија продолжува преку секој ученик што учи да чита, секој писател што твори, секој наставник што пренесува знаење. Тие не се само минато — тие се вековен мост кон иднината. Нека е честит 24 мај Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј“, напиша Мицкоски.

Со честитка се јави и претседателката која порача дека овој ден е силен потсетник за трајната вредност на нивната мисија – вредност чии корени лежат длабоко во културата, знаењето и духовната сплотеност.

„Светите Кирил и Методиј ни ја подарија не само глаголицата, туку со неа изградија силен сесловенски културен и цивилизациски темел што продолжува да го потпира нашиот идентитет и до ден денес. Преку нивната посветеност и визија, го отворија патот кон писменоста и учењето на сопствен јазик – дар што омоќни многу генерации и го зачува нашиот глас низ вековите. Да го чествуваме и чуваме нивниот спомен преку негувањето на вредностите коишто тие ги отелотворија: мудрост, вера, образование и обединетост. Славејќи ги нивните дела, да ја зацврснеме нашата заложба за градење на општество засновано врз знаење, меѓусебно почитување и достоинство. Нека овој ден нè поттикне и понатаму да се гордееме со нашето културно и духовно наследство, да го чуваме, збогатиме и да им го предадеме на идните генерации изворот на знаењето што ни го дале нам нашите предци, а ним Светите Кирил и Методиј – секогаш чист, секогаш постојан, вечно жив!“, напиша Сиљановска Давкова.

Одбележувањето на 24 Мај е централна манифестација во чест на мисијата на светите браќа Кирил и Методиј, кои со создавањето на глаголицата и ширењето на писменоста ги поставија темелите на словенската култура и духовност. Од 2007 година, 24 Мај е и државен празник во Македонија.

И претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска упати честитка по повод Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј. Филипче истакна дека браќата Кирил и Методиј не се само симбол на духовноста и писменоста кај словенските народи, тие се и темелот на нашиот македонски идентитет, јазик и култура.

„ Денеска го одбележуваме Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј – основачите на првото словенско писмо. Браќата Кирил и Методиј не се само симбол на духовноста и писменоста кај словенските народи, тие се и темелот на нашиот македонски идентитет, јазик и култура.

Нивното дело е вкоренето во националната и културната историја на нашата држава. Нивната мисија не била само образовна, туку била и визија за еднаквост, за почитување на различноста и за напредок преку образование и знаење.

Создавајќи ја првата азбука – глаголицата, продолжена од нивните следбеници, меѓу кои и Свети Климент Охридски, била создадена кирилицата, која е основата за стандардизација на македонскиот јазик и писмо.

Ние, и сите идни генерации, имаме обврска да го почитуваме и негуваме наследството кое Светите Кирил и Методиј ни го оставија. И горди сме што покажавме дека се грижиме за нашето културно наследство, за нашиот македонски јазик. Во периодот на владите на СДСМ беа донесени храбри и државнички одлуки, благодарение на кои денес македонскиот јазик е признат и рамноправен во Обединетите Нации и во Европската Унија.

Нека ни е честит и вековит 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј“, стои во честитката на претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши упати честитки до сите граѓани.

„Овој празник нè потсетува на големината на мисијата на сесловенските просветителски браќа, кои преку создавањето на глаголицата и ширењето на писменоста, оставија длабока трага во историјата на словенските народи.

Како Собрание, остануваме посветени на унапредувањето на образованието, културата и јазичната разноликост, како суштински вредности на едно демократско и напредно општество.

На сите ви посакувам празник исполнет со почит кон словенското просветителско наследство и инспирација за нови знаења и духовен напредок“, вели Гаши.