Премиерот Христијан Мицкоски, денеска заминува во посета на Соединетите Американски Држави, заедно со владина делегација.
За време на престојот во Вашингтон, Мицкоски се очекува да оствари средби во Сенатот, Конгресот и Стејт департментот, како и со претставници на финансиската институција DFC, американски функционери и познати тинк-тенк организации.
Мицкоски ќе отпатува и во Њујорк, каде што ќе учествува на заседанието на Генералното собрание на Обединетите нации и ќе има билатерални средби со лидери на различни земји.
Тој изјави дека се планирани средби со земји од регионот и од Заливот, додека засега не е предвидена средба со бугарската делегација.
Во однос на средбата на лидерите на земјите од Западен Балкан, која вообичаено се организира во рамките на заседанието на Генералното собрание на ОН, Мицкоски рече дека ставовите на Владата за уставните измени и гаранциите нема да се менуваат преку ноќ.
