Водата од градскиот водовод во Гостивар и понатаму не е безбедна за пиење и подготовка на храна, бидејќи во водоводната мрежа е детектирана нова резидуална бактерија, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Тој објасни дека во системот веќе не се присутни фекалните колиформни бактерии, но по спроведеното хиперхлорирање и чистење на инсталациите се појавила друга бактерија, која се задржала во мрежата поради тоа што делови од инсталацијата подолго време не биле во употреба.
„Сега веќе во инсталацијата ги нема фекалните колиформни бактерии, но се појави една нова резидуална бактерија која е присутна во инсталациите бидејќи долго време не биле користени. Со прочистувањето и хиперхлорирањето таа се појавува во системот“, рече Мицкоски.
Премиерот изрази очекување дека и овој проблем наскоро ќе биде надминат, по што надлежните институции ќе можат да дадат зелено светло водата повторно да се користи за пиење и подготовка на храна. До тогаш, водата останува наменета исклучиво за техничка употреба.
