По неодамнешната средба на министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Муцунски и Петрова, на која немаше конретен напредок или приближување на ставовите во однос на спорните прашања, како и последните ставови на Петрова изнесени во бугарското Собрание дека Софија не прифаќа репреговарање и уставни измени со одложено дејство, премиерот Мицкоски денеска сепак изрази оптимизам дека има излез од блокадата, кој го гледа во дијалогот меѓу двете страни.
„Јас се радувам што тој дијалог почна. Јас се радувам што за дијалогот се запознаени нашите меѓународни партнери. Тоа е убавината во демократијата, да разговарате кога имате различни ставови, а умешноста во демократијата е кога тие различни ставови ќеги приближите и на крајот ќе дојдете до компромис. Јас очекувам дијалогот да продолжи да се води и во одреден момент ставовите да се приближат и да дојдеме до решение“, изјави Мицкоски.
