Мицкоски: За две години пензиите се зголемени за 325 проценти повеќе во споредба со владата на СДСМ и ДУИ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека растот на пензиите во првите две години од мандатот на актуелната влада е значително поголем во споредба со истиот период од претходната влада предводена од СДСМ и ДУИ. Според неговата пресметка, просечната старосна пензија во актуелниот владин мандат пораснала за повеќе од 6.800 денари.

Мицкоски, при посетата на Прилеп, беше прашан да направи споредба меѓу просечната старосна пензија во периодот на владеењето на СДСМ и ДУИ и зголемувањето остварено во досегашниот мандат на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој оцени дека опозицијата „се препелка“ околу прашањето за зголемувањето на пензиите и рече дека податоците што ги презентира се математички прецизни.

Според Мицкоски, доколку се земе предвид целиот период на претходната влада, во 83 месеци просечната пензија била зголемувана во просек за 91 денар месечно. Во првите 24-25 месеци од актуелната влада, пак, просечното месечно зголемување изнесува 296 денари.

Тој ова го претстави како раст од 3,25 пати, односно 325 проценти повеќе во споредба со периодот на претходната влада.

Мицкоски, сепак, посочи дека за директна споредба треба да се земат предвид истите временски периоди од двата владините мандати.

„Еве, да ги споредуваме првите 25-26 месеци од претходната влада во периодот јуни 2017 до јуни-јули 2019 година со овие 25-26 месеци од оваа влада“, рече тој.

Според неговите податоци, во првите 25-26 месеци од претходната влада просечната старосна пензија се зголемила за 540 денари.

Во истиот период од актуелната влада, според Мицкоски, просечната старосна пензија пораснала за повеќе од 6.800 денари.

„Математички прецизно, тоа е повеќе од 12,5 пати. Таа е разликата“, изјави премиерот.

Мицкоски порача дека Владата е подготвена да ги образложи и аргументира презентираните податоци во јавна дебата со опозицијата.