Мицкоски за изјавите на Османи: „Го продаваше мојот идентитет, не го почитува ни албанскиот јазик“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ДУИ повторно се обидува да направи упад кон правосудниот систем, одговори премиерот Христијан Мицкоски на најавите на Ахмети и Османи за бојкот на локалните избори, но и за политичка криза. Ваквите изјави на првите луѓе на ДУИ се случуваат во пресрет на одржувањето на подготвителната седница на Уставниот суд за законот за јазици. Изјавата, пак на Османи за политичка криза за премиерот Мицкоски е директен упад во правосудниот систем, но како што рече човекот кој го распродаваше мојот идентитет не го почитува ни својот албански јазик.

Претпоставувам дека претседателот го укорил својот потпретседател бидејќи му нанесува непоправлива штета со таа изјава по два основи. Првиот основ е директно мешање во правосудниот систем на една држава што е спротивно од било какви демократии кои што познава современото човештво. Човекот кој што преговараше и го распродаваше мојот македонски идентитет и мојот македонски јазик има најмал кредибилитет да зборува затоа што тој ако мене не ме почитува, не го почитува ни својот мајчин албански јазик, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Од ВРЕДИ велат, најавите за бојкот на изборите се за дефокусирање на проблемите кои ги имаат во коалицијата Европски фронт и стравот од пораз заради внатрешни пресметки.

Експертите со став дека најавите на Ахмети и Османи се сериозна закана кое има повеќе пораки. Сефер Селими смета дека со ова им се праќа порака на меѓународниот фактор, но и кон албанската коалиција на власт која, како што вели, прифаќа се за да добие поддршка од ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори. Можеби треба да има политичка криза за да не завршиме како маргинализирано малцинство, рече Селими.

-Проблемот што го има господинот Мицкоски, и можеби тука е тоа потребата за да го расони и да го потресе начинот на мислењето на господинот Мицкоски, можеби ние треба да влегуваме во длабока политичка криза, за која се надевам нема да имаме потреба, но ако овој тренд продолжува, јас не гледам како поразлично ние како Албанци нема да завршиме како некоја маргинализирано малцинство во маргините на општеството и политиката во Македонија, изјави Сефер Селими, аналитичар.

На неколку партиски собири лидерот на ДУИ Али Ахмети рече дека се врши деградирање на Албанците но и на албанскиот јазик со што рече дека би можело да има и бојкот на локалните избори. Османи пак отиде и чекор понапред и најави дека е можна политичка криза.