Комисијата за имунизација при Министерството за здравство донесе одлука за привремено одложување на имунизацијата со БСЖ вакцината против туберкулоза. Одлуката е донесена како превентивна мерка, по информациите објавени во хрватските медиуми за несакани реакции од оваа вакцина.
„Во моментов во нашата земја нема ниту еден случај пријавен од некаков несакан ефект од БЦГ вакцината, но имајќи предвид дека сакаме да дејствуваме превентивно, Комисијата препорача привремено да се суспендира вакцинацијата со БЦГ до моментот кога ќе ги имаме целосните информации, како што се: дали сериите од Хрватска се совпаѓаат со сериите што ги имаме во нашата земја. МАЛМЕД заедно со Институтот и Министерството ќе истражува дали дополнително ќе се појават несакани ефекти.“, вели Александра Грозданова.
Според Министерството, имунизацијата со БСЖ е задолжителна, бидејќи Македонија се смета за земја со висок ризик од туберкулоза.
Докторката Катерина Ставриќ ги објаснува евентуалните симптоми од несаканите ефекти на оваа вакцина, но посочува дека во нашата земја нема ниту еден случај, поради што апелира до родителите да бидат смирени.
„Како тешка инфекција, тоа дете ќе има тешки симптоми на општата состојба, како температура и влошување на состојбата, како губење на апетитот, малаксаност. Имајќи предвид дека досега не се регистрирани компликации од БСЖ вакцината, сметам дека нема потреба од паника кај родителите.“, вели Катирина Ставриќ.
Од Агенцијата за лекови МАЛМЕД велат дека, во рамки на своите надлежности, вршат проверка на сериите на БСЖ вакцината кои биле и кои сè уште се достапни на пазарот во Македонија. Во моментов, во Институтот за туберкулоза има 95 пациенти со туберкулоза, од кои 83 се случаи регистрирани во текот на оваа година, додека во Детската болница „Козле“ во 2025 година биле евидентирани 15 случаи, а во 2026 година се евидентирани 12 нови случаи.
