Мицкоски за критиките за дата-центрите: Опозицијата политизира и злоупотребува, далеку од вистина е тоа што го кажуваат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

При посетата на манастирот „Успение на Пресвета Богородица” во Берово, премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за одлуката на Советот на Општина Пехчево за дата-центрите, истакна дека станува збор за приватна иницијатива и не би навлегувал во детали.

„Советот и општината си го кажаа својот збор, но ние како држава апсолутно остануваме на нашата цел за развој на таков тип на индустрија, бидејќи тоа е иднината и тој процес е неповратен процес. Се разбира, во согласност со законите, на места каде што има услови и на места каде што оваа индустрија може да се развие“, изјави Мицкоски.

Од друга страна, тој ги коментираше и критиките од опозицијата на оваа тема.

„Јас ги слушам оние полемики кои што доаѓаат од страна на опозицијата. Дадов вчера свое мислење и не би сакал да се повторувам околу, би рекол и научниот и техничкиот пристап на луѓе кои што не ја познаваат материјата и ја политизираат и ја злоупотребуваат. Далеку од вистина е тоа што го што кажуваат“, рече Мицкоски.

Инаку, вчера премиерот Мицкоски рече дека Владата води преговори со 5-6 инвеститори за изградба на дата-центри во Македонија и дека „нема да отстапи ни милиметар“ од таа намера, како и дека големите светски компании не би ги граделе овие центри доколку тие би биле штетни.

На оваа тема, вчера имаше и размена на обвинувања и од опозициската СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ ја обвини Владата дека без транспарентност турка проекти за дата-центри, предупредувајќи на можни последици врз водата, енергијата и земјоделството. Од партијата велат дека една компанија објавила оти од Владата обезбедила капацитет од 100 мегавати и директен пристап до реката Вардар за ладење на дата-центрите, за што, според нив, Владата нема дадено информации во јавноста.

Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија, обвинувајќи ги социјалдемократите дека со ставовите за идејата за изградба на дата-центри во Македонија не размислуваат за развојот на државата и за придобивките за граѓаните.