Мицкоски: Во преговори сме со 5-6 инвеститори за изградба на дата-центри

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Владата води преговори со 5-6 инвеститори за изградба на дата-центри во Северна Македонија.

„И преговараме, еве јавно ви кажувам, со најмалку пет, шест потенцијални инвеститори. Меѓу нив е и голема мултинационална компанија. И, нема да отстапиме од тој чекор ни милиметар“, дециден е тој.

На прашањето дали овие проекти претставуваат ризик за природните ресурси и животната средина, Мицкоски рече дека големите компании не би ги граделе овие центри доколку тие би биле штетни.

„Замислете, да не е вештачката интелигенција или податочните центри или дата центрите, како би изгледал денеска бруто домашниот производ, да речеме на Соединетите Американски Држави? Зарем Nvidia, Amazon, SpaceX, OpenAI, мултинационални глобални компании чиишто брендови тежат трилиони, илјадници милијарди, би постоеле денеска ако на било каков начин тие ги доведуваат квалитетот на животот на граѓаните под знак прашање?“, изјави премиерот денес, одговарајќи на новинарски прашања по настанот за потпишување на договорот за реализација на интерконективниот гасовод меѓу Македонија и Србија.