Мицкоски за пресудата на Талир: За ВМРО-ДПМНЕ правдата е задоволена

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека ослободителната пресуда за ВМРО-ДПМНЕ во случајот „Талир“ претставува потврда дека партијата била изложена на политички прогон, додека за делот од пресудата што се однесува на поранешниот лидер Никола Груевски посочи дека е последица на измените на Кривичниот законик донесени од претходната власт.

Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски рече дека предметите „Талир 1“ и „Талир 2“ биле, како што наведе, политички конструирани случаи против ВМРО-ДПМНЕ.

„Вчерашната пресуда за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ е во согласност со правдата и со очекувањата на граѓаните. Конечно се потврди она што го тврдевме со години – дека партијата беше предмет на политички прогон и агресија преку случаи кои не постоеја“, изјави Мицкоски.

Осврнувајќи се на ослободителната пресуда за поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, тој нагласи дека според образложението на судот, таа произлегува од измените на Кривичниот законик што ги донесе претходната влада на СДСМ и ДУИ.

Според Мицкоски, токму тие законски измени довеле до повеќе, како што рече, „политички амнестии“, а, како што оцени, такви последици ќе има и во иднина.

„Кога еднаш ќе направите грешка, таа потоа станува правило и ве следи. Но, кога станува збор за ВМРО-ДПМНЕ, можам да кажам дека конечно правдата е задоволена“, изјави премиерот.