Премиерот Христијан Мицкоски го коментираше најавата на протестот на студентите на 18 мај поради правосудниот испит. Мицкоски рече дека студентите треба да бидат трпеливи и дека наскоро ќе се предложи решение за барањето испитот по правосудство да се полага и на албански јазик.
„Тоа е прашање на кое ние како влада работиме. Убеден сум дека многу брзо ќе излеземе со предлог-решение. Убеден сум дека тој предлог ќе биде според препораките на Венецијанската комисија, и според меѓународните стандарди, затоа ги молам сите оние кои се дел од овој процес да бидат трпеливи, бидејќи во земјата има политички сили кои не сакаат да бидеме прогресивна земја, земја која има реформи, но сакаат да има конфликт, немири, протести итн. во земјата, но тие имаат можност повеќе од 20 години да го решат ова прашање“, рече Мицкоски.
