Премиерот Христијан Мицкоски вели дека ќе се реши прашањето со барањето на студентите Албанци правосудниот испит да се полага и на албански јазик, пренесува ТВ21. Коментирајќи го протестот од 18 мај во Скопје, Мицкоски рече дека „правници кои се борат за правда, го прекршиле законот“.
„Па, видете, јас секогаш поддржувам протести; тоа е демократско право и немам апсолутно никаква дилема околу тоа. Лично ме загрижува што демонстрантите, кои практично се правници што се борат за правда, го прекршуваат законот, на пример Законот за знамиња, Законот за химна, Уставот и така натаму. Нема да ги коментирам навредите, тоа навистина е прашање на домашно воспитување кое се стекнува во првите седум години од животот. Нема да го коментирам ниту тој насилен инцидент што се случил, ниту пак ќе коментирам за надворешното мешање во внатрешните прашања на Македонија од одредени надворешни фактори. Сето тоа ќе го оставиме како фолклор. Она на што моментално работиме како Влада е обезбедување одржливо решение, преку кое ова и уште одреден број проблеми што сме ги наследиле од минатото ќе бидат решени. Исто така го осудувам однесувањето на опозициската партија Демократска унија за интеграција, бидејќи тие имаа можност 20 години да ги решат овие прашања. За жал, тие не направија ништо, туку решаваа многу лични прашања. И ако ја споредите имотната состојба, ќе видите како луѓе од без пари стануваат милионери, на грбот на националните слогани и на грбот на луѓето кои се обидуваат да го поминат месецот од први до први. Но како и да е, ние сме одговорна Влада и постапуваме согласно тоа. Проблемите се за да се решаваат. Решивме стотици, би рекол, проблеми што сме ги наследиле. Еден од нив, а и овој, ќе биде решен“, изјави Мицкоски.
Мицкоски додаде дека законското решение ќе биде испратено до Венецијанска комисија.
„Да, апсолутно, секое решение како закон ќе биде испратено до Венецијанската комисија. И ова? Апсолутно, да“, изјави Мицкоски.
