Мицкоски за тарифите од Трамп: „Наскоро ќе има решение и добри вести“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека многу скоро ќе се надмине проблемот со воведувањето на 33% царина од страна на американскиот претседател Доналд Трамп. Мицкоски вели дека македонската влада е во постојан контакт со американската администрација и дека можно е дури и денеска да има договор околу тарифите.

„Со нашиот стратешки партнер, Соединетите Американски Држави, сме во постојана комуникација – и со Министерството за економија, кое го предводи Хауард Лутник, кој што е мојот личен пријател, и со Министерството за финансии, и со Стејт Департментот, и со Кабинетот на претседателот Трамп. Министерот Муцунски имаше кратка средба со Државниот секретар во Брисел, и една од темите беше и оваа. На дневна основа работат тимови, телефонски се слушаме и разговараме. Очекувам многу скоро, можеби и денеска, убава вест за македонските граѓани и македонската економија“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

На 2 април, американскиот претседател Трамп ги воведе тарифите за целиот свет, што беше очекувано, но изненадување беше висината за поголемиот дел од земјите, меѓу кои и Македонија. Според американската статистика, Македонија има суфицит со САД – односно, повеќе извезуваме отколку што увезуваме – што во реалноста не е така. Според македонскиот Државен завод за статистика, во 2024 година извозот бил 118 милиони долари, а увозот 196 милиони. Различното толкување на бројките се должи на методологијата применета од Вашингтон, каде што нереално беше пресметано дека Македонија има 65% царини на американските производи, поради што ни беа воведени контра-царини од 33%.

Само неколку часа по донесувањето на одлуката, дел од македонските економисти препорачаа воздржаност и да се почека со одговор на овие мерки.

„Владата – добро прашање – мора веднаш да направи една cost-benefit анализа. Соединетите Американски Држави кажаа дека оставаат простор: доколку земјите реагираат, не со зголемување на царините – како што најавуваат Јапонија, Јужна Кореја, ЕУ – туку со нивно намалување. Мислам дека најдобро би било ние да ги намалиме трговските бариери за увоз од САД. Со тоа би ги одоброволиле и тие веднаш да реагираат со намалување на царините“, изјави Трајко Славески, поранешен министер за финансии.

Дел од земјите, како Кина, веднаш одговорија со контра-мерки, додека други, како Европската Унија, сè уште проценуваат дали да употребат „економска нуклеарна бомба“ и да воведат давачки за ИТ-секторот и финансиските услуги, или да изберат поблаги контра-мерки, оставајќи простор за договор. За македонската економија е многу важно во кој правец ќе се одвива битката меѓу ЕУ и САД, бидејќи над 70% од нашиот извоз е наменет за Унијата.