Мицотакис: Интеграцијата на Украина во ЕУ не може да се случи на сметка на процесот на проширување со Западен Балкан

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис изјави дека европската интеграција на Украина не треба да се одвива на сметка на тековниот процес на проширување на Европската Унија со Западен Балкан. Тој нагласи дека постои јасен процес на проширување и изрази желба сите земји кандидати да станат членки што е можно поскоро, но подвлече дека „процесот мора да се почитува“.

„Интеграцијата на Украина е прашање за кое разговараме, но не може да се случи на сметка на процесот на проширување кој веќе е во тек и кој се однесува и на нашето соседство. Мислам на Западен Балкан. Значи, постои процес кој е во тек. Го дефиниравме патоказот за Украина. Верувам дека се спроведени важни реформи во таа насока“, изјави Мицотакис.

Истиот став го повтори и заменик-министерот за надворешни работи на Грција, Александра Пападопулу, која истакна дека треба да постои европска перспектива и за Украина и за Молдавија, како и за Западен Балкан, без да се наруши постојниот процес за регионот.

Во подкастот на Гидеон Рахман, Мицотакис зборуваше и за ситуацијата на Блискиот Исток, предупредувајќи дека продолжувањето на кризата може да донесе економски последици, како повисока инфлација и побавен економски раст.

Тој исто така ја истакна важноста на слободата на пловење и категорично се спротивстави на идејата за воведување такса за премин низ Ормутскиот теснец, оценувајќи ја како „уцена“ и опасен преседан за глобалната трговија.

Мицотакис повтори дека Грција ги поддржува решенијата преку преговори и изрази подготвеност да учествува во мировна мисија, доколку такво нешто биде побарано.