Миграцијата на младите станува сè поголем проблем, а овој феномен е присутен и во Охрид. Активистите се обидуваат да го кренат гласот за ова прашање, а Вахид Мехмеди вели дека причините за иселувањето се многубројни.
„Од секојдневната комуникација знам дека одлучиле да заминат одовде само поради несигурноста, поради проблемите со системот, нефункционирањето на системот, сè е поврзано со врски, немање меритократија, клиентелизам, партизација при вработувањето и така натаму.“, додаде Вахид Мехмеди.
Според него, непотизмот е уште една од главните причини поради кои младите ја напуштаат земјата, бидејќи, како што вели, работите кај нас се завршуваат само преку „пријатели и познанства“. Како што вели народот, „ако имаш силен грб, ќе надминеш сè“, посочува Мехмеди.
„Во секоја институција, обичните граѓани треба да имаат некого што го познаваат за да завршат работа. Затоа мора да се најде начин и систем како ова да се надмине, бидејќи тоа постои во сите сфери на сите институции, не само во една институција. Другата причина е психолошката – младите не чувствуваат сигурност за својата иднина, за да изградат дом овде, во нашиот град и во нашата држава, но и да основаат семејство и да купат дом. И тоа е проблем.“, вели Вахид Мехмеди.
Активистот Мехмеди смета дека иселувањето од Охрид е последица и на недостатокот на редовни работни места, бидејќи голем дел од младите имаат можност за работа само сезонски, во текот на летото.
Оваа ситуација, според него, создава дополнителна несигурност кај младите охриѓани. Тој бара да се преземат мерки Охрид да биде активен и во текот на есента и зимата, а младите да не бидат ангажирани само за време на летната туристичка сезона.
