Младите во Македонија се осамостојуваат дури на 30,7 години, во ЕУ просекот е 26,3

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Младите во Македонија во просек остануваат во родителскиот дом до 30,7 години, покажуваат податоците на Евростат за 2025 година. Тоа е за 4,4 години подолго од просечната возраст на која младите во Европската Унија се осамостојуваат – 26,3 години.

Податоците покажуваат значителни разлики меѓу европските земји. Најдоцна родителскиот дом го напуштаат младите во Хрватска, каде што просечната возраст изнесува 31,5 години. Следуваат Грција и Словачка со по 30,9 години, додека во Шпанија и Италија просекот е 30,2 години.

На спротивниот крај се нордиските и балтичките земји. Во Финска младите во просек се осамостојуваат на 21,4 години, во Данска на 21,8, а во Естонија и Литванија на 22,7 години.

Во регионот, младите во Србија го напуштаат родителскиот дом на просечна возраст од 30,1 година, во Босна и Херцеговина на 29,5, а во Бугарија на 27,9 години.

Евростат посочува дека во Европа постои тенденција младите подолго да остануваат во домовите на родителите, а меѓу факторите што се поврзуваат со ова е и нивната вработеност.

Во 2025 година, стапката на вработеност кај младите на возраст од 20 до 29 години во ЕУ изнесувала 65,5 отсто.

Во повеќето земји каде што младите порано го напуштаат родителскиот дом, стапката на вработеност кај оваа возрасна група е над просекот на ЕУ. Таков пример се Холандија, Данска, Германија и Шведска.

Од друга страна, во земјите каде што младите подоцна се осамостојуваат, како Грција, Хрватска, Шпанија и Италија, стапката на вработеност била под европскиот просек.

Во Македонија, стапката на вработеност кај младите во 2025 година изнесувала 50,2 отсто.