ММА: Операторите да ја преиспитаат најавата за прекинување на програма и да ги почитуваат авторските права

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Операторите да ја преиспитаат најавата дека ќе прекинат со емитување на програмите на националните телевизии поради новите законски обврски за авторските права, а надлежните институции да ги потсетат на обврските што ги имаат со добиените лиценци за работа, како и дека не може да бидат дотолку општествено неодговорни, со оглед на деликатната состојба со потребата за известување за коронавирусот и предизборниот период, порачаа денеска петте национални телевизии од Македонската медиумска асоцијација (ММА).

Тие тврдат дека гарантираат за авторските права на нивните програми и истакнуваат дека се задоволни што конечно 30 години се прави обид да се воведе ред во таа област.

Сметаат дека е апсурдна, паушална и незаконска најавата на кабелските оператори за прекин на емитување на програмите, што го образложија како реакција на измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, што ги изгласа Собранието пред распуштањето со им се наметна обврска да гарантираат за авторските права на програмите што ги реемитуваат.

– Најавата од кабелските оператори и А1 и Телеком за исклучување на сите канали во нивните телекомуникациски мрежи е апсурдна, неразбирлива. Ние ги гарантираме авторските права 24/7 и гарантираме дека на нашата програма не се појавува никаква пиратерија, ништо за што не е регулиран договор и за што немаме законско право да емитуваме. Оттаму, навистина е чудно зошто нас би не исклучиле од нивните телекомуникациски мрежи како емитувања, особено што имаме и валидни договори, евентуално раскинување на тие договори трае 30 дена, така што ова е паушален незаконски чин, да не речам хир од страна на кабелските оператори, рече на прес-конференција Атанас Кировски, претседател на ММА.