Инвестициите во вештачката интелигенција даваат поттик на светската економија, но војната на Блискиот Исток, поскапувањето на енергенсите и растечкиот јавен долг создаваат дополнителна неизвесност. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја зголеми прогнозата за глобалниот економски раст во 2026 година на 3,1 процент, но проценува дека темпото ќе остане под ланското ниво.
Во најновиот извештај за светските економски изгледи, објавен на состанокот на ММФ и Светската банка во Бангкок, Фондот ја коригираше претходната прогноза од три проценти, објавена во јули. Сепак, очекуваниот раст е послаб од 3,5 проценти, колку што изнесуваше во 2025 година.
Според проценките на ММФ, значаен придонес за економската активност имаат инвестициите во вештачката интелигенција. Придобивките, сепак, не се рамномерно распределени, па се очекува само 32 земји да учествуваат со 95 проценти во глобалниот економски раст, наспроти 54 земји во април.
Американската економија во 2026 година се очекува да порасне за 2,3 проценти, додека за Кина е проектиран раст од 4,5 проценти. Кај развиените економии, прогнозата изнесува 2,1 процент, во споредба со два проценти во претходната година.
Поинакви се очекувањата за економиите во развој, кои се почувствителни на промените во цените на нафтата и природниот гас. За нив се предвидува растот да забави на 3,7 проценти во 2026 година, од 4,5 проценти во 2025 година.
ММФ предупредува дека продолжување на конфликтот на Блискиот Исток, нарушувања во снабдувањето со енергенси и повисоки трошоци за задолжување би можеле дополнително да ги влошат економските перспективи.
Поради овие ризици, Фондот ги повикува земјите да ги зајакнат јавните финансии и да создадат поголема отпорност на идните економски шокови.
